Design thinking е пристап фокусиран на човекот, пред се, па на корисникот, во кој проблемите се дефинираат и решаваат со емпатија кон корисниците, разбирање како проблемите влијаат врз нив, генерирање идеи, создавање прототип- решенија и нивно тестирање со помош на крајните корисници. Во рамките на проект- менаџментот, овој пристап може да овозможи поголема креативност и иновативност.
Предностите на Design thinking вклучуваат способност да се стекне подобро разбирање во однос на лошо дефинираните проблеми, можност да се направат промени откако ќе се спроведе проектот во реалноста и шанса за проектните тимови да создадат вистински оригинални решенија.
Како да избегнеме неуспех со Design Thinking?
Прво, осознајте ја реалноста (и корисниците). Не постои единствен рецепт за успеси, ниту гаранции за континуиран успех доколку следите одредени правила. Пристапот Design Thinking е всушност, промена во размислувањето а со тоа и делувањето, кој се стреми кон наоѓање на решенија за постоечки проблеми. Па затоа, првото прашање што можеме да го поставиме е “Каква е моменталната реалност?” Менаџерите, иако сакаат да побрзаат кон иднината преку нови идеи, можности и опции, сепак подобро е да ја разберат сегашноста преку достапните податоци, а со тоа и подобро да го запознаат проблемот што треба да се реши. Овие сознанија не се потпираат на имагинацијата, туку на фактот што е тоа што заинтересираните страни всушност го сакаат. Со ова прашање се намалува ризикот од пропаѓање на вашата нова идеја.
Формирајте мултидисциплинарен тим. За да успее еден проект, потребни се повеќе луѓе со најразлични експертизи. Design Thinking во основа пропагира колаборација помеѓу лица од различни области, кои ќе придонесат кон проектите со свежи идеи и решенија, но ќе имаат заеднички фокус. Вклучувањето на потенцијални корисници е одличен начин да се спречи неуспехот на крајните решенија.
Бидете подготвени за лошите сценарија. Прашањето што треба да се постави со таа цел е “Што ако?”. Разгледајте го потенцијалот, можните проблеми, проблематични точки кои проектот ќе ги има во иднина. Одговорите на ова прашање не се базираат на имагинација, туку на сознанијата од реалноста наведени погоре. Прашајте се што ќе биде доколку се случи хх ситуација, и како ќе реагираме на таа ситуација? Како ќе ја решиме? Што треба однапред да подготвиме за да не се случи тоа (на пример, пад на системот и сл.). На пример, направете мапи на сценарија во кои ќе ги поминете сите овие претпоставки и направете стратегија за во иднина.
Неуспехот е пожелен само ако се случи во раните фази на проектот.
Мотото на Design Thinking e “fail fast and early”, што значи- што порано донесете погрешни одлуки, побргу ќе ги исправите во текот на фазата на тестирање. Во секој Design Thinking процес, има момент кога целиот тим после долгата работа ќе стигне до некоја идеја или сознание што ќе ги воодушеви. Тоа е моментот на “wow”, кога интересните концепти се видливи и остварливи. Сепак, од овие идеи се селектираат само оние кои ветуваат резултати по нагорна линија, а се остварливи во согласност со ресурсите и можностите на проектот. Најдобрата идеја треба да биде презентирана како прототип, со кој ќе може да се комуницира и валидира.
Тестирајте, подобрувајте, валидирајте, и така во круг, се додека не ги добиете саканите резултати.