Во модерното време, големо внимание се посветува на персоналниот и професионалниот развој на индивидуата. Усовршувањето на професионалната димензија на индивидуата започнува од персоналниот развој. Велат дека најдобриот проект на кој треба да работиме е работата на себе. Меѓу најпродаваните книги за самопомош и личен развој се Е, баш ме заболе од Марк Менсон, или мотивациската Да се живее со Navy Seal на Џеси Ицлер.
Се заснова на повеќе принципи:
– Дефинирање на јасни цели за усовршување
– Прецизна идентификација на потребите на организацијата и вработените
– Пракса и обуки
– Прецизна евалуација на знаењата и вештините
– Поддршка од надредените во компанијата/ организацијата.
Потребата од усовршување е наметната и од модерните текови на работење. Секојдневно усовршување на знаењата е потребно за да се остане компетентен во својата работа, како и да се напредува во кариерата.
Постојат неколку универзални чекори за достигнување на мерливи резултати во поглед на професионалниот развој:
- Самоевалуација
Самоевалуацијата на вештините и знаењата ви овозможува да ја испитате моментална позиција на патот кон вашите цели во кариерата. Кога ќе ги одредите вештините и интересите што моментално ги поседувате, можете да ги идентификувате областите во кои можете да се подобрите за да ги постигнете вашите цели. Корисно е да се идентификуваат и вашите меки или преносливи вештини. Овие вештини се многу барани од страна на работодавците а вклучуваат добра комуникација, тимска работа или лидерство. Технолошките вештини се неопходни во модерното време. Како што работните места стануваат се повеќе зависни од компјутерските програми, поседувањето технолошки вештини е вреднувано во секоја индустрија.
- Дефинирање на целите
За да се постигне посакуваниот степен на професионален развој, неопходно е стратешко дефинирање на целите. Поставените цели треба да бидат конкретни, мерливи, достигливи и временски прецизирани. Познатата методологија OKR се користи од индивидуалци и тимови за поставување на амбициозни цели со мерливи резултати, а воедно служи за следење на прогресот. Google е еден од гигантите кои ја користат оваа методологија.
- Стратегија за достигнување на целите
За да се достигнат дефинираните цели за професионален развој, потребна е стратегија или сет на пристапи. Стратегијата може да вклучува обуки, дополнително искуство, менторство, и слични пристапи. Стратегијата служи за стекнување на искуства при учењето на нови вештини. Волонтирањето е исто така одлична стратегија за стекнување на нови контакти, вештини и искуства. Менторирање од страна на искусни колеги или менаџери во компанијата може да овозможи раст и развој на професионален план во рамки на моменталното работно место.
Како извори на дополнителна едукација и стекнување на искуства се и конференциите, семинарите, вебинарите и онлајн курсевите за професионална едукација и вмрежување.
- План и временска рамка
Планот за професионален развој треба да биде временски прецизиран. Целите се временски ограничени на месечно, квартално или годишно ниво со цел полесно да се достигнат. Планот би требало да биде динамичен, и повремено да се менува во согласност со околностите. Дефинираните цели и стратегии на почетокот на годината може да бидат модифицирани на крајот на годината, зависно од постигнатиот развој и достигнатите клучни резултати.
Овие четири едноставни чекори се одлична почетна основа за планирање на професионалниот развој. За дополнителна мотивација, прочитејте ги Upskill: 21 keys to professional growth на Крис Вотсон, или HBR Guide to Your Professional Growth од Харвард Бизнис Ривју.