Живееме во ерата на стартапи и се чини дека секој модерен млад човек се гледа како основач на стартап компанија. Што е всушност стартап? Поимот start-up означува чин или процес на започнување на нешто. Поимот стартап компанија пак, означува нова, иновативна компанија која нуди уникатни продукти и услуги, претендира да расте рапидно брзо и е во процес на потрага и воспоставување на скалабилен бизнис модел.
Традиционалниот бизнис пак, во поширока смисла, може да се дефинира како “постојана организација која спроведува репетитивен и скалабилен бизнис модел” (Стив Бленк), робустен систем кој не е агилен ниту ориентиран кон иновации, туку како примарна цел го има профитот.
Оттука, секој стартап може, доколку успешно работи (статистиките покажуваат дека првите три години се клучни: околу 30% од бизнисите, а повеќе од 90% од стартапите се затвораат во првите 3 години), да премине во бизнис, како што е случајот со УБЕР.
Како што се гледа од статистиката, бизнисите се многу постабилни од стартапите, а за тоа се клучни следниве работи кои треба да ги знаете доколку сакате да градите бизнис:
1. Финансирање и профит
Во своите почетоци, основачот го финансира бизнисот, но тежнее кон тоа бизнисот да биде профитабилен од првиот ден. Стартапите пак се финансираат од основачите, бизнис ангели, разни инвеститори и тоа во повеќе наврати односно инвестициски циклуси се додека не станат профитабилни (на што може да чекаат со месеци или години). Традиционалните бизниси пак од моментот на лансирање, се финансираат исклучиво од своите корисници, значи- генерираат профит, па така градењето бизнис подразбира креирање профитабилен бизнис модел. На пример, споредете го хотелскиот бизнис со еден стартап како AirBnB.
2. Стапка на раст и долгорочно планирање
Малите бизниси целат кон тоа да бидат семејни компании и да траат со генерации, постепено и контролирано да растат. Главната цел на бизнисите е да креираат профит опслужувајќи одредена група на таргет корисници, додека стартапот е во постојан раст и тенденција да креира бизнис модел кој може да се репродуцира ширум светот, што значи расте од 0-100% со неверојатна брзина.
Споредба: рент-а-кар (бизнис) со Убер (стартап), или ресторан како традиционален бизнис со Deliveroo (стартап).
3. Стил на живот и работна динамика
Сопствениците на бизниси тежнеат кон финансиска сигурност, баланс помеѓу приватниот живот и кариерата, додека динамичната природа и неизвесноста на стартапите бара 24- часовна посветеност, постојан работен ангажман и минимум приватен живот.
Сумирано, доколку сакате да започнете бизнис мора да бидете сигурни дека имате профитабилен бизнис модел (од првиот ден на лансирање), кој е скалабилен и системски репетитивен (без импровизации), и дека ги имате потребните лични карактеристики во смисла на постојаност, истрајност и личен баланс во градењето на бизнисот, бидејќи водењето бизнис е како трчање маратон на долги стази.