Што е заедничко за познатите светски компании како Епл, Пепси, Најк, Кока Кола и ИБМ?
Освен што се гигантски компании, заедничко за нив е тоа што се комплетно ориентирани кон Design Thinking пристапот и на тој начин креираат врвни бизнис резултати и компетитивна предност преку иновации.
Дали е иновацијата привилегија само на компаниите гиганти или секоја мала, средна компанија може да биде иновативна?
Секако дека може, и тоа со примена на истиот пристап- design thinking како основно гориво за иновации. Design thinking пристапот се фокусира на потребите на корисникот, а ги осознава истите преку емпатија. Тоа е почетната фаза и основата на design thinking, кој потоа продолжува во фазите: идеација, креирање на прототип и валидација.
За да видиме како design thinking поттикнува иновации, ќе ги поделиме иновациите во 4 категории, поткрепени со примери.
- Под делумна иновација се подразбира подобрување, надградување или симплификација на технологијата/ производот/ услугата. Пример е кампањата Сподели Кока- Кола со…. на Кока- Кола во која пакувањата се персонализирани со имиња. Кампањата е производ на design thinking пристапот, според кој корисникот е на прво место, па така персонализацијата на продуктите се смета за успешна тактика која довела до зголемување на продажбата за 7%.
- Дисруптивната иновација претставува пробив на нешто сосема ново на пазарот, кое влијае на тоа како еден пазар или индустрија функционираат. Пример за таква иновација е Нетфликс, модернизирана верзија на видеотеките, која со помош на design thinking од сервис за достава на ДВД филмови станува онлајн стриминг сервис кој ги исполнува потребите на корисниците за постојана достапност на филмови и ТВ серии. Користејќи го истиот пристап, компанијата е во постојан иновативен циклус- заради публиката која бара свежи и провокативни содржини, Нетфликс основа своја продукција на филмски и ТВ содржини кои генерираат милиони нови корисници.
- Архитектурна иновација е пренос на искуства и знаења од една област и пренесување на истите на друг пазар. На пример, мемориската пена постигна голем успех ширум светот во домаќинствата, а е дизајнирана од Ејмс Истражувачкиот центар на НАСА за да се подобри квалитетот на перниците кои ги користат авионските патници.
- Радикалната иновација иако најретка, е токму тоа што го подразбираме под самиот поим иновација- раѓање на нови индустрии и револуционерни производи. Еден пример за радикална иновација е iPhone- телефон со екран на допир, продуктот со кој се отвори нов пазар на паметни телефони. Стив Џобс за да го создаде паметниот телефон користел design thinking така што се фокусирал на: потребите на луѓето, корисничкото искуство и едноставноста и минималистичкиот дизајн.
Евидентно од дадените примери, со имплементација на design thinking во процесот на иновирање, степенот на успех на иновациите драматично расте, токму поради неприкосновениот фокус кон корисниците и нивните потреби.