Design Thinking методологијата е применлива во многу индустрии и области, а широко е применувана и во здравството. Еден од примерите за успешна имплементација на начелата на оваа методологија е клиниката Мајо. Како познат иноватор во здравството, клиниката Мајо бележи огромни успеси во своето долго постоење (основана е во 1889 год. во САД). Клиниката како поголема иновација го бележи медицинското досие на пациентите, кое датира од почетокот на 20тиот век. Во раните 2000 год., менаџментот започнува да се фокусира на подобри интеракции и релации помеѓу докторите и пациентите.
Знаејќи за успешноста на Design Thinking методологијата во областа на дизајнот на човечкиот фактор, клиниката отвора своја лабораторија наречена СПАРК. Во лабораторијата, докторите и дизајнерите работеле на хипотези за тоа на кој начин комуницираат пациентите и докторите. Во текот на истражувањето, се соочиле со многу предизвици. Докторите биле зафатени и недоволно заинтересирани; комуникацијата помеѓу здравствените работници и дизајнерите била тешка, експериментите со вистински пациенти биле предизвикувачки, и слично. Лабораторијата и покрај сите потешкотии, прераснува во центар за иновации по неколку години. Во овој центар пошироко се изучувале процесите на здравствена грижа, и патот на пациентот (customer journey) од првиот повик па се до грижата пост- терапија и превенција. Веќе во 2010 година, центарот за иновации станал познат меѓународен центар за консалтинг во склоп на Мајо клиниката. Во центарот се создадени бројни помали иновации кои се движат кон поголемата цел за трансформација на здравствените услуги. Мисијата на центарот за иновации е да го трансформира начинот на кој се добиваат здравствените услови и искуството во здравството.
Дизајнерите и лекарите во центарот спроведуваат набљудувачки истражувања со вистински пациенти, здравствени работници и консултанти за да ги идентификуваат проблемите во секојдневието на пациентите и да изнајдат решенија.
Дизајнерите од центарот за иновации ги синтетизираат своите набљудувања во дизајнерски концепти, кои ги користат за да создадат прототипови за скалабилни решенија што лекарите можат да ги имплементираат во здравствените установи.
За да ја оствари својата цел, центарот спровел неколку иницијативи:
- Велнес навигатори – Социјалните детерминанти на здравјето може да имаат сериозно влијание врз медицинските состојби на пациентите. Затоа центарот вработил „велнес навигатори“, кои работат со пациентите за да им помогнат да обезбедат клучни неклинички ресурси (ладење, греење и климатизација) па дури и работни места,
- Велнес лабораторија – луѓето поминуваат повеќе од 90 проценти од своето време надвор од болниците, така што детерминантите на здравјето во голема мера се случуваат во нивните домови. Оваа лабораторија им овозможува на докторите да ги следат пациентите во нивната животна средина, за да разберат како осветлувањето, квалитетот на воздухот, бучавата и други фактори влијаат на нивното здравје.
- Мобилни апликации за пациенти – За да се подобри искуството при грижата за пациентите, центарот дизајнирал уникатна апликација која им овозможува на пациентите пристап до важни информации за здравствена нега, едукација на пациентите, закажани термини за преглед, и слично.
Здравството се фокусира на пациентите и нивното здравје, како и организацијата на системот на здравствена нега која е комплексна и на повеќе нивоа. Иновациите во здравството се длабоко поврзани со познавањето на пациентите, нивните навики и секојдневие; а тој холистички пристап е овозможен од метологиите како Design Thinking.