Американскиот психолог Хауард Гарднер, во своето дело Петте умови на иднината, ги објаснува видовите на умствени карактеристики потребни за иднината. Секој од нас треба да развива аспекти од овие нови карактеристики, заради остварување на повисоко добро во општеството како целина. Тој се залага за поттикнување на креативноста во секоја сфера на животот.
Креативниот ум има способност за откривање и разјаснување на проблемите, предизвиците и појавите. Затоа, креативното размислување ни помага полесно да ги решаваме проблемите, а притоа ја зголемуваме нашата интелигенција.
Дали се раѓаме креативни?
Во реалноста, креативноста е дисциплина која може да се научи и да се надградува. Особено е важна дисциплина за модерните бизнис лидери, кои тежнеат да ги претворат имагинарните идеи во реалност. Од нив можеме да научиме многу за тоа како да практикуваме креативно размислување во секојдневниот живот, знаејќи ги елементите и пристапите кои се неопходни за ваквото размислување.
Практикување на креативно размислување
Понекогаш, неочекуваните креативни активности може да се претворат во нешто иновативно и реално во иднина, без да бидеме свесни за тоа. На пример, Стив Џобс во студиските денови посетувал курс по калиграфија, кој во тој момент, личел бескорисно. Во иднина, токму овој курс ќе биде основа за надалеку познатата типографијата на Епл компјутерите. Овој елемент на креативното размислување се вика инспирација. Инспирацијата ја црпиме од книги, филмови, курсеви, секојдневни ситуации, активности и дружење со пријателите и семејството. На тој начин се полни ‘креативниот резервоар’ до својот максимален потенцијал. Вмрежувањето и разновидниот социјален живот допринесува за инспирацијата. Мрежата на контакти ја градиме постојано, и од неа црпиме искуства и инспирација. Креативноста може да произлезе од неочекувани активности и ситуации. На пример, волонтирање во хуманитарни активности, зачленување во клуб, и слични активности кои се надвор од нашата комфорна зона.
Инспирација може да се најде и при опсервација на секојдневието и околината која не опкружува. Опсервацијата е важен елемент на креативното размислување. Како сложена вештина, опсервацијата бара концентрација, но истовремено бара и еден вид на одмор на мозочните активности со цел да се биде присутен во моментот. Затрупани во морето на работни обврски секојдневно, тешко доаѓаме до момент кога можеме да го ослободиме мозокот креативно и слободно да лута и набљудува. Затоа, често слушаме дека најголемите креативни претприемачи на денешницата пешачат или трчаат секојдневно, и во тие моменти ги добиваат најдобрите креативни идеи. Иновативни идеи за нови продукти се развивале многу често, како резултат на опсервацијата.
За да овие идеи се претворат во реалност, потребно е да се експериментира. Експериментацијата е типична за бизнис лидерите кои сакаат креативно да размислуваат. Без експериментирање, не можеме да знаеме дали идејата е реално остварлива или не.
Анализата, односно рефлектирањето на насобраната инспирација е важен елемент на креативното размислување. Рефлексијата ги средува мислите, идеите и дава насока за спроведување на конкретни концепти на идеи. Без разлика дали се работи за пишување на блог, сликање или создавање на иновативен продукт, креативното размислување бара еден вид на флексибилна рамка во која ќе се развива креативното решение.
Design Thinking исто така, е креативно размислување. Разгледувањето на многуте можни опции да се реши еден проблем е суштината на оваа методологија. Методологијата поттикнува креативно и експанзивно размислување, со цел изнаоѓање на решенија за сложени проблеми. Со редовно практикување на елементите на креативното размислување, значително се зголемува креативниот потенцијал и техниката за решавање на проблеми.