Изминатиот викенд (25.02-27.02) тимот на Солвео беше дел од настаните кои се во знак на прославата на EU House Крива Паланка по повод нивниот прв роденден. За таа цел заедно организираа 54 часовен хакатон, односно Greenathon, на тема “Зелени решенија за нова генерација”.
На овој натпревар 50+ млади од 5 градови, односно 2 држави, Северна Македонија и Бугарија, поделени во 8 тимови, креираа зелени решенија за поздрава иднина.
Овој хакатон има за цел да споделува знаење и искуство. Интензивната работа во текот на викендот поттикнува тимски дух и голема креативност. Главната цел е да се најдат решенија како одговор на вистински проблем, стекнување нови вештини и пријателства и секако, забава.
Овогодинешниот хакатон го носи името Greenathon, натпревар каде младите се поттикнати да креираат таканаречени „зелени решенија“. Натпреварот генерално промовира иновации, критичко размислување, решавање проблеми и вештини за управување со тим.
Победничкиот тим “Eco-centric“ одлучија да го решават проблемот со уништувањето на шумите, употребата на пластика и емисиите на јаглерод со создавање тетратка и канцелариски материјал од водоотпорна хартија направена од рециклирана пластика. Уникатност на идејата на овој тим е во тоа што вакви продукти не се прават во регионот и се целосно еко-пријателски и служат за повеќекратна употреба.
Покрај победничкиот тим, судиите одлучија титулата за особено признание да ја добие тимот “Paladins of nature” кои имаат инициатива да започнат кампања која ќе ги поттикне децата на училишна возраст да рециклираат наместо да фрлаат отпад;
Предвидено е наградување на учениците за рециклирањето со цел тие да развијат еколошки ориентирани навики, со кои се надеваат дека може да го променат менталитетот на општеството.
Учесниците активно работеа и несебично ги споделуваа своите идеи, се стекнаа со нови крeативни вештини и најбитно нови пријателства.
Од работите кои би ги издвоил како придобивки од настанот се можноста да работите со нови креативни поединци, да бидете креативни заедно и да измислувате одлични решенија за навистина големи и реални проблеми – изјава од учесник.
Во рамките на настанот беше организиран и забавен дел, односно Талент Шоу, каде младите ги споделуваа своите таленти, односно уникатности, од свирење гитара, пишување поезија, до уметност, дизајн и фотографија. Интересот беше голем и остави големи импресии.
Крајната цел на „зелената иднина“ е да се заменат практиките и методите кои ги оштетуваат/исцрпуваат природните ресурси со алтернативни еколошки, економски ефикасни и социјално правични практики кои се одржливи.