Design thinking е кориснички ориентиран пристап за креативно решавање на проблеми. Произлегува од начинот на размислување на дизајнерите, а може да го аплицира секоj поединец или бизнис. Agile е итеративен процес за проект менаџмент и развој на софтвер кој исто така се базира на потребите на корисниците, и е најдобро претставен во Agile Manifesto.
Како се комбинираат овие два концепти во пракса и какви резултати даваат?
Една од компаниите кои успешно работи и иновира со комбинација на овие концепти е IBM. Компанијата формирала мултидисциплинарни тимови од дизајнери и девелопери со цел да дојдат до побрзи решенија кои ќе бидат одлично прифатени од корисниците.
Основниот постулат на двата концепти е: “корисникот е на прво место”, но додека Design Thinking е емпатскиот дел од процесот во кој се осознаваат потребите или предизвиците на корисниците, Agile го креира (и убрзува) решавањето на тие предизвици. Овој процес од осознавање на потребите и предизвиците на корисниците се до креирање на решенија за истите претставува предизвик за секоја компанија.
Затоа комбинацијата на двата концепти е добитна – Design Thinking го започнува целиот процес на осознавање на корисничките потреби, така што уште во почетната фаза се дознава предизвикот кој треба да се реши и со тоа се намалува шансата за неуспех односно креирање на производ или услуга кои не се потребни на пазарот. По добивањето на тие сознанија познато е “зошто” е потребно тоа решение, па се преоѓа кон “како” тоа решение да стане реалност.
Тука настапува агилниот концепт, како двигател на имплементацијата на решението. Основно и најважно за agile е дека имплементацијата на проектот се дели на помали чекори, и секој чекор е подложен на тестирање и валидација, со цел еден продукт да се создаде што побрзо и поуспешно.
По примерот на IBM, компаниите можат да започнат да ги комбинираат Design Thinking и Agile со: хибридни спринтови– тимови кои ќе практикуваат Design Thinking и Agile тимови кои меѓусебно ќе соработуваат во текот на целиот процес, или пак дуален пристап– мултидисциплинарни тимови кои ќе ги вршат анализите на корисниците и нивните потреби и ќе го спроведат Agile концептот преку постојано валидирање на решенијата.
Најважно е тимовите да го прифатат начинот на размислување кој овие два концепти го налагаат и да бидат флексибилни при откривањето на предизвиците, креирањето и тестирањето на решенијата со real- time фидбек од корисниците.
Комбинацијата на Agile и Design Thinking може да се користи во најразлични сегменти: во стратешко планирање, маркетинг кампањи, креирање на искуства за вработените. Менаџерите се тие кои што првенствено треба да го прифатат овој начин на работа и размислување, а потоа да ги мотивираат и организираат работите во овој иновативен работен процес, со цел да креираат поголема вредност и поуспешни бизнис резултати.