Работата од дома е еден од предизвиците со кој светот се соочува во време на пандемија. За недостатоци на работењето од дома се сметаат: недостаток на комуникација, осаменост, дефокусираност, намалена мотивација, неможност да се направи разлика помеѓу работното и слободното време.
Како да си помогнеме? Design Thinking како високо ефективна, колаборативна алатка можеби може да ни даде решение на овие проблеми.
1. Дизајнирајте го своето работно катче
Со Design Thinking лесно можете да го креирате своето работно катче во вашиот дом каде ќе бидете продуктивни и фокусирани. Набљудувајте се себе и вашите навики додека работите од дома за да дојдете до сознанија за тоа каде треба да го лоцирате работното катче/ биро, како да обезбедите непречена работа и доколку е можно, да имате приватност додека работите. Направете скица за својот прототип- работно катче и почнете со реализација на проектот. Споделете ги идеите со својот тим, а доколку добро се познавате меѓусебно- дизајнирајте ги работните катчиња на вашите колеги.
2. Интервјуирајте
Одржувајте редовни видео повици и состаноци бидејќи комуникацијата е клучна во работењето на далечина. Секој се соочува со различни предизвици при работењето од дома, па затоа одржувајте и еден- на- еден состаноци со цел да ги надминете препреките и да го одржите фокусот на работата и тимскиот дух. Емпатијата е појдовна точка на design thinking, а е длабоко вкоренета во меѓучовечката комуникација.
3. Адаптирајте се на промените
Проценете го својот тим и самите себе кога најдобро и сосредоточено ги завршувате задачите. Работното време од дома може да биде флексибилно, но најважно е да се одржи работниот фокус и успешно да се завршат работните задачи. Направете распоред во кој работните активности ќе ги подредите по важност: активности за кои е потребен фокус и посветеност во дадено време од денот и активности кои може да се вршат и подоцна во текот на денот/ неделата.
4. Утринска бура од идеи
Работењето од дома може да доведе до несакана појава: работење од удобноста на креветот или неволност за работа (особено рано наутро). Затоа, секоја design thinking програма започнува со бреинсторминг- време за генерирање на идеи за даден предизвик кој треба да се реши. Слично на утринската гимнастика, утринскиот бреинсторминг гарантира успешен почеток на денот и енергичен вовед во секојдневната работа.
5. Онлајн тим билдинг
Предложете неделен/ месечен онлајн тим билдинг за вашиот тим бидејќи тимскиот дух мора да се одржува и во комплицирани времиња. Организирањето на онлајн забавни тим билдинг активности е одлична замена за кафе паузите на работа и after work забавите, дури и ќе ја зголеми вашата продуктивност.