Викторија како специјалист за човечки ресурси, може ли да ни кажете кој конкретни знаења и карактeристики треба да ги има еден човек за да биде дел од индустријата на човечки ресурси?
За некој да биде дел од оваа индустрија, пред сѐ, треба да сака да работи со луѓе. Емпатијата и емоционалната интелигенција генерално, се карактеристики кои треба да го одликуваат секој кој се занимава со човечки ресурси. Исто така, желбата да се учи и да се следат динамиките на модерното, новите пракси, да се земат за пример начините на кои управуваат успешните компании, да се биде креативен и да се создаде нешто ново се нешта што треба да го одликуваат секој менаџер на човечки ресурси. Сите дополнителни знаења се стекнуваат, но сметам дека горенаведените се предусловите за работа во секторот човечки ресурси и се пресудни за дали некој ќе биде добар или не толку добар HR.
Моментално работите вo IT Компанијат GrabIT која е една од постарите и поуспешните ИТ компании во нашата држава, дали мислите дека постои голема разлика во работењето на HR во ИТ индустријата во споредба со другите индустрии?
Мислам дека ИТ секторот ја има привилегијата на побрзо адаптирање и поголема динамичност, а со тоа и промените да се случуваат со поголемо темпо, во сите аспекти, па и во HR. Сметам дека овој сектор се карактеризира со поголема флексибилност и рушење на ригидноста на организациската хиерархија, затоа што сите ИТ компании, повеќе или помалку, тежнеат спрема flat структура. Тоа се разбира дека има одраз и врз работењето на HR, кој ја прати а во исто време учествува во создавањето организациската стратегија и култура. Менаџерите на човечки ресурси во ИТ компаниите до некоја мера уживаат можеби поголема слобода, но слободата значи исто така и одговорност.
На веб страна од GrabIT пишува дека имате 3 канцеларии (во Прилеп, Скопје и Љубљана), дали Ви претставува предизвик еднакво да им се посветите на сите вработени кои работат во различни канцеларии?
Мислам дека предизвикот е еднаков, без разлика на локацијата, со оглед на фактот што веќе нешто повеќе од година и пол работиме од дома. Навистина е тешко да се одржи истиот контакт со луѓето, доколку работите надвор од канцеларија, а истото важи и за културата. Културата доаѓа од сите нас во една организација и доколку немаме шанса да ги запознаеме луѓето со кои соработуваме, да размениме идеи, се губи конекцијата, или воопшто не се воспоставува од сам почеток. Предизвикот може да биде надминат со почести on-line неформални состаноци, тимски настани во живо доколку ситуацијата го дозволи тоа. Во ГрабИТ имаме Coffee&Chat средби и гледаме секогаш да правиме нешто интересно, што ќе направи луѓето да се чувствуваат дека припаѓаат некаде или дека се дел од нешто. Дополнително, важно е секој HR да посветува време и внимание на секој поединец, како и да биде достапен да го сослуша и да даде совет или да реши некаков проблем.
Знаеме дека повеќето ИТ компании продолжија со работењето од дома иако полека работите се враќаат во нормала. Дали во GrabIT се уште пракитикувате работа од дома или комплетно се вративте во Вашите канцеларии?
Да, сѐ уште работиме од дома, со тоа што ја нудиме опцијата секој кој сака да работи од канцеларија, истото да му биде овозможено. Секако, тоа да е со претходна најава, како не би имале ситуација кога премногу луѓе ќе бидат во канцеларија во ист ден и како би обезбедиле некоја сигурност и безбедност. Иако верувам беше чудно за сите компании, иако ИТ компаниите веќе имаа некакво искуство со ваквиот модел на функционирање, мислам дека веќе се навикнавме на ваквата соработка и дека овој начин ќе остане и во иднина и дека или целосно би била слободна опцијата за бирање за работа од дома, или би се вовел некаков хибриден модел.
Како задолжена личност за обука и развој на вработените во Вашата компанија дали користите одредени специјални методологии како Agile или Design Thinking? И дали мислите дека е потребно да се користат нови современи методологии?
Да, сметам дека е важно да се користат нови методологии, затоа што тие методологии пред сѐ постојат да ја направат работата полесна и поорганизирана. Во ГрабИТ користиме Agile методологија, поконкретно Scrum, во различните тимови и навистина се покажало дека ја олеснува работата и ја прави побрза и ефикасна. Луѓето се пофокусирани на целите и на отстранувањето на пречките и тимската работа е пофлексибилна и поколаборативна. Сепак, нашиот став е дека методологијата треба да биде благо прилагодена на барањата на проектот, продуктот, тимот и неговите членови, за да би била уште поефикасна.
Една од најтешките работи, е да мотивираш некој нешто да направи или да се подобри во нешто. Каков е Вашиот пристап во однос на мотивирањето на вработените и кој се според Вас најефикасните методи за мотивација на вработените?
Начинот на којшто ги мотивираме вработените е преку апсолутната транспарентност пред сѐ. Напредокот на компанијата најмногу зависи од луѓето, па би сакале да изградиме чувство за колективност, а тоа го правиме преку транспарентноста и отчетноста за случувањето во компанијата. Ги делиме придобивките, но и одговорностите. Исто така, би сакале да веруваме дека нашите проекти се доволно интересни за вработените, како секој би бил мотивиран да работи на нив. Не го занемаруваме позитивниот фидбек во ниеден момент, се разбира кога е заслужен. Дополнително, им даваме шанса да ја развиваат нивната кариера на начин што го сакаат, со финансиско поддржување на сите дополнителни курсеви, сертификати и останати начини за стекнување знаења. Давањето поддршка, искрен пристап, укинувањето на микроменаџмент и давање слобода секој да ја организира и да е одговорен за својата работа, како и градење на позитивна организациска култура се нешта што покрај останатите работи ни помагаат да ги мотивираме вработените.
Кои совети би ги споделиле на други помали компании за да го подобрат својот HR, a кои би ги дале на луѓе што сакаат да ја започнат својата кариера во HR секторот во Македонија?
На помали компании кои сакат да го подобрат својот HR би препорачала да го гледаат својот HR или тимот што работи во човечки ресурси како свој бизнис партнер, како некој кој ќе им помогне да ги остварат нивните бизнис цели. Го надминуваме времето кога менаџерите на човечки ресурси работат чиста административна функција. HR-ите би требало да ги познаваат луѓето од компанијата и имаат увид на пазарот, а како такви, треба и да учествуваат и во градењето на стратегијата на компанијата. На луѓето кои би сакале да ја започнат својата кариера во HR секторот во Македонија би им препорачала да работат на својот бренд и на својот уникатен стил, било тоа да е за регрутација или генерално во останатите аспекти на човечките ресурси. Да читаат често, да собираат искуства од други компании, да сфатат дека не постои пракса што е еднакво одговарачка за сите компании и дека секој процес може да се подобри. Да бидат достапни, да бидат приземјени затоа што огромен фактор е колку луѓето се задоволни од нашата работа во една организација. За крај, би им препорачала да бираат компании кои ќе го поддржуваат нивниот константен напредок и кои ќе веруваат во нив.