Игор Јованоски e дел од тимот на Europe House Скопје како постар менаџер за мрежи и помош на Европска Унија. Неговото богато портфолио и искуство секојдневно допринесува за иднината и перспективите со акцент на младите во нашата држава. Со нас ги споделува настаните и активностите од богатата програма од изминатиот месец, односно месецот мај славењето на Европа.
Во месец мај како и секоја година Europe House Скопје го одбележува Денот на Европа 9 мај со богата програма и активности. Која е мотивацијата и мисијата што се акцентирани за оваа 2022 година?
Денот на Европа и симболиката која ја носи во себе е централен и исклучително важен настан за Europe House. Оваа година, фокусот на сите придружни настани и манифестации беше на младите, не само како на партнери на Европската Унија туку како на актери за промени, од критичка важност, за подемократски, еднакви, инклузивни и мирољубиви општества.
2022 година е година на младите во Европа. Кои од настаните и активностите од вашата разнолика програма се посветени на младите?
2022 е европска година на младите и клучен момент да се продолжи напред (оттука и хаштагот #ThinkForward) со доверба и надеж во постпандемиска перспектива. Целосниот фокус на Europe House и бројните настани кои ги организира оваа година се во таа насока. Би ги издвоил „Europe House со средношколците,“ „Европската академија со студентите“ на кои се дебатира за теми од исклучителна важност за оваа категорија на млади како дел од активностите на кои сме особено горди. Поддршката за младите уметници, независната музичката сцена, активистите и младите претприемачи се исто така дел од работното секојдневието на Europe House.
Еден од поинтересните настани е Design Thinking работилницата со млади учесници од цел Западен Балкан. Какви теми беа опфатени и зошто токму оваа методологија?
Младинската конференција за Западен Балкан беше една од централните активности на Europe House по повод Денот на Европа. Бројни млади од регионот дебатираа на три централни теми 1) Регионална соработка и помирување, 2) Климатски промени/Зелен договор и 3) Ментално здравје – подигање на свеста за важноста на менталното здравје. Во овој контекст, изборот за design thinking методологијата се покажа инструментален бидејќи обезбедува пристап заснован на решенија за решавање проблеми.
Какви идеи произлегоа од работилницата, кои се понатамошните планови во однос на имплементација на решенијата од младите иновитори?
Трите тематски работилници, благодарание на design thinking методологијата, произлегоа со конкретни предлог решенија. Во врска со можностите за имплементација, истите беа презентирани на работниот доручек со амбасадорите на ЕУ и на Западниот Балкан во Europe House и на ткн. „преземање на Владата“ каде соговорници им беа Премиерот и министрите од Владата на РС. Македонија.
Europe House Skopje постојано се грижи и вложува во едукација и културна надобразба на младите во Македонија, според вас какви се перспективите на младите во нашата држава? Како нивниот свеж и иноваторски дух може да влијае за општествениот напредокот?
Младите се основни за развојот на едно општество. Безперспективноста и постојаниот тренд на иселување сериозно ги загрозуваат перспективите на државата. Оттука фокусот врз нив, поддржан и од Европската Унија, за едукација и иновативност. Во Europe House сме сведоци на бројни брилијантни млади луѓе на кои им треба поддршка за реализација на нивниот талент и иновативни идеи. Дебатите и работилниците кои ги организираме во овој контекст се во насока на охрабрување на младинските потенцијали, вклучувајќи ја и нивната креативност, за поодлучно ангажирање во развојот и воопшто во нашите општествени текови.