Какви вештини треба да има еден успешен менаџер и како да ги развие тие вештини? Секој менаџер треба да поседува одреден сет на вештини и способности за да изврши специфични задачи во рамки на организацијата. Менаџерот треба да ја владее комуникацијата, да го мотивира тимот, да организира и делегира задачи, да знае да решава проблеми и да донесува одлуки. Емпатијата е важна особина на добрите менаџери, и разбирањето на луѓето и вработените се смета за најсилната страна на еден менаџер.
“Менаџментот, пред се, е практика каде се среќаваат уметноста, науката и занаетот.” Хенри Минцберг
Од илјадниците книги кои се во библиотеката на секој менаџер кој ги усовршува своите вештини, еве ги врвните три книги кои се задолжително четиво за секој кој сака да постигне успех во менаџментот и бизнисот:
- “The Art of War”- Sun Tzu
Oвој класик е must- read за сите менаџери, бидејќи е безвременски прирачник за успех во лидерството и менаџментот во последните 2,500 години. Сун Цу, кинескиот генерал, филозоф и воен стратег, особено се фокусира на менаџирањето со времето и запознавањето на себеси и луѓето околу вас, како и правилното делегирање и комуникацијата во тимот. Правилото број еден што веднаш се памети од оваа книга е: Лидерот мора да биде дисциплиниран. Најуспешните лидери се оние лидери кои се дисциплинирани и способни да го спроведат она што треба да се направи за да се постигне успех.
- “Leaders Eat Last: Why Some Teams Pull Together and Others Don’t” – Simon Sinek
Лидерството според Симон Синек е изборот да се појде прв во опасност, кон непознатото. Грижата за тимот е подеднакво важна според неговиот концепт Безбеден круг, според кој вистинските трансформативни промени настапуваат само доколку се фокусираме кон другите повеќе, а помалку кон себеси и сопствените интереси.
- “Influence: The Psychology of Persuasion” – Robert Cialdini
Ако сте менаџер, од суштинско значење е луѓето да го сфаќаат сериозно тоа што го зборувате и да го применат во пракса. За да го постигнете ова, ќе треба да ја совладате уметноста на убедување. Во оваа книга, Роберт Сијалдини ги разбива основните концепти зад оваа уникатна уметност на убедување и ве учи како да станете експерт за убедливи деловни комуникации. Сијалдини ги објаснува психолошките студии што укажуваат на тоа зошто и како луѓето велат “да” наместо целосно да ве одбијат и ве учи како да ги примените наодите од тие студии во вашиот живот. Оваа книга го задржува вниманието со интересни интервјуа и личните приказни на авторот.