Постојат многу изреки за креативноста од страна на психолози и легендарни креативци, од кои ќе ја издвоиме следнава :
“Креативноста подразбира храброст да се отфрли сигурното.” – Ерих Фром
Оваа изрека треба да се следи во бизнис светот на кој му недостасува одредена доза на креативност. Со оглед на тоа дека бизнис светот се врти околу стабилното и сигурното, па затоа креативноста би изгледала “детска” или неодговорна во едно такво сериозно бизнис опкружување.
Design Тhinking пристапот покажува дека и креативноста е неопходна во бизнисот и секојдневното работење, а можете да ја поттикнете на следниве начини:
Раскажување на приказни
Направете стенд-ап од вашите состаноци. Раскажувајте ги плановите, финансиските проекции, маркетинг стратегиите во вид на приказни и сценарија. Доколку го анализирате корисничкото искуство, направете day in the life of… проекција со која ќе навлезете во секојдневните рутини и навики на вашиот корисник. Соживувајќи се со одредена приказна ќе ја направите секоја презентација многу поинтересна и ќе поттикнете интересни дискусии во тимот. А од таму ќе произлезат и многу интересни решенија.
Генерирање на идеи
“The best way to a good idea is to have lots of ideas” – Linus Pauling
Истражувањата на Симонтон покажуваат дека 10% од најдобрите креативци генерираат повеќе од 50% од врвните, иновативни идеи. Супер- креативните луѓе немаат само одлични идеи, туку тајната е во тоа што генерираат огромен број на идеи од кои дел се лоши, додека останатите се фасцинантни. Brainstorming сесиите се одлични за тимската работа и креативното размислување (пример: Google).
Не се плашете од тоа да истрчате со идеи кои не звучат “паметно”, бидејќи од таквите вежби се создаваат најдобрите и најиновативните идеи. На тој начин го тренирате вашиот мозок да продуцира мисли, решенија и идеи во поголем обем и out-of-the-box размислување, а со тоа се зголемува и поттикнува вашиот креативeн потенцијал.
Цртање и прототипизација
Кога сте под притисок на одреден проблем за кој немате решение, станете и прошетајте. Потоа, откога ќе се вратите, наместо неутешно да го гледате компјутерот- цртајте. Скицирајте го предизвикот и ќе го согледате од различни аспекти преку вашиот цртеж. Доколку имате решение, а не знаете како да го објасните- направете прототип со својот тим или секој од тимот индивидуално. Истовремено ќе се забавувате и ќе дојдете до различни решенија за еден ист проблем. Прототипот може да биде во дигитална или хартиена верзија, како ви е полесно така но, не заборавајте да ги прикажете клучните функционалности на решението, иако можеби делува несериозно.
Најважно е да се запамти следното: Креативноста не е вродена, туку е вештина на творење и создавање која се култивира секојдневно. Наједноставно се имплементира во реалниот живот со Design Thinking алатките и методите.