Филип Ристевски креира успешна приказна со Пиксел и создава тренд на дигитална трансформација кај компаниите. Заедно со својот тим им помага на компаниите да постигнат највисоки успеси и да го променат светот, при што нудат експертиза со која им ги даваат алатките да почнат да размислуваат поразлично од нивната конкуренција и дигитално да ги трансформираат своите компании и да го развиваат нивниот бизнис користејќи ги најновите стратегии за развој на веб, маркетинг и технологии.
Филип, имате завидливо портфолио и искуство. Како доаѓате на идеја за Пиксел, да се охрабрите меѓу првите и да го започнете трендот на дигиталните компании во Македонија?
Желбата да се проба нешто свое постои кај сите нас, потребна е некоја мала иницијална каписла или замисла, верба и малку среќа истото и да се оствари. Во однос на Пиксел, во чија позадина сме 3 партнери, тоа одеше од процес на креирање идеја за продукт. За среќа или не тој старт не беше успешен, па се решивме да почнеме со обезбедување на дигитални услуги до нашата следна продукт приказна. Испадна дека таквиот пресврт и не беше толку лош, па Пиксел во април ќе наполни 8 години постоење на пазарот со веќе препознатлив имиџ на дигитална компанија која ја обединува услугата на дигитална трансформација на компаниите двете носечки дигитални вредности девелопментот и маркетингот.
Како агенција која се занимава со развој на софтвер/веб страници и дигитален маркетинг, целта на Пиксел е да им помага на компаниите да го развиваат својот бизнис и да создаваат трајно партнерства и вредности на нивниот пат кон успехот преку дигиталните канали. Што значи тоа една компанија да се предаде целосно во Ваши раце, на кој начин ја стекнувате довербата?
Почетокот на меѓусебната соработка е и почеток на еден целосно транспарентен и искрен однос со клиентот. Самото тоа е прв чекор кон градењето доверба и партнерски однос кој како компанија се грижиме да го надградуваме во секој сегмент од соработката. Таа доверба се гради и низ позитивните, и низ негативните искуства со кои се соочуваме заедно со клиентот, давајќи му целосна поддршка и соодветни решенија.
На крајот на денот, најважен ни е човечкиот сегмент од соработката и креирање на искрени партнерства кои ќе траат со години.
Вашето искуство брои проекти од дигиталната монетизација, кино индустријата, банкарскиот и финансискиот сектор, FMCG, здравствена заштита до образование. Кои сегмент или индустрија би го одвоиле за Вашиот тим како омилен и зошто?
Ова е слично на она прашање – кое од вашите деца ви е најомилено? 😊 Иако работиме со клиенти од различни сфери на дејствување, немаме сегмент кој се одвојува како омилен. Сосема нормално е некои индустрии, како филмската, FMCG и сите други поврзани со модерните трендови и технологии да бидат позанимливи за тимовите, но во исто време на сите останати индустрии гледаме како на предизвик и можност да научиме нешто ново, притоа помагајќи му на клиентот да ги оствари своите бизнис цели.
Тимот на Пиксел е составен од креативци и може да се забележи бргу се шири. Што е пресудна за Вас да се биде дел од тимот, кои вештини ги преферирате и дали организирате обуки за Вашите вработени?
Ова некако се надоврзува на оној, човечки аспект кој го спомнав претходно. Прва карактерна особина на членовите на нашиот тим е искреноста и транспарентноста, како и неизоставните тимски дух и енергија.
Тоа е основа која секој наш вработен мора да ја има, и на која се надоврзува нивната експертиза, професионализам и сите останати клиенти кои му помогнаа на Пиксел да стане она што е денес.
Во однос на делот за обуки секое интерно ниво во компанијата има определени обуки кои треба да бидат совладани се со цел вработените поспремни да го дочекаат следното ниво во нивниот развој.
2018та година добивте признание за „Претприемач на годината“. Колку оваа награда Ве мотивираше, дали ви отвори нови перспективи и кои се Вашите следни предизвици?
Уф, како делува далечно 2018-та од оваа перспектива, ха ха ха. Секако дека било каква добиена награда годи и мотивира, особено кога е неочекувана и се базира на реални статистички показатели за растот на компанијата за таа година. Самата награда на некој начин ја зајакна и препознатливоста на Пиксел, особено на локалниот пазар, а со тоа и можноста да оствариме соработка со уште поголем број на клиенти.
Но, како и сите други компании, така и ние во најголемиот дел од минатата, како и во оваа година се „бориме“ пред се со предизвиците кои ги носи пандемијата и новиот начин на функционирање. Имајќи го ова предвид насоката е целосно во дорегулирање на внатрешните процедури и доавтоматизација на сите процеси внатре во компанијата кои треба да помогнат во што поуспешно и поглатко функционирање на дневна основа и со самото тоа да се даде додадена вредност во давањето услуги на клиентите, но истовремено и олеснување на работата на вработените.