Христина како основач на Digital Orange која Ви беше Ваша главна мотивација да основате сопствена, како и главната цел која сте сакале или се уште сакате да ја постигнете со Digital Orange?
Една од главните причини за основање на Дигитал Оринџ беше мојата голема самодоверба и ентузијазам за креирање на нешто свое, компанија која што ќе ја градам поставувајќи свои правила и вредности. Со секој нов проект кој го добивав како програмер, времето кое го имав за да постигнам сè што имав прифатено се намалуваше, а мотивацијата растеше. Предизвик ми претставуваше преземањето одговорност ипоставувањето своја организација на работниот процес. Сумирано, довербата на клиентите која сакав да ја оправдам, како и големата желба за успех беа клучен мотив за влегување во светот на млади претприемачи.
На почетокот на целата приказна, крајната цел за постоење на Дигитал Оринџ не ми беше сосема јасно дефинирана, но со текот на годините и искуството работите се менуваа. За време на долгите карантински денови кои ги поминувавме поради пандемијата која за жал сѐ уште трае, ми се родија неколку идеи од кои наскоро ќе формирам една целина. Имав прилика одреден период да престојувам во САД каде што живеејќи го секојдневието добив дополнителна инспирација за тоа што сакам да биде резултат од постоењето на Дигитал Оринџ. Наскоро очекувам Дигитал Оринџ да биде препознатлив по свој SааS продукт, наменет за одредена, специфична бизнис категорија.
Како лидер на една компанија, кои се според Вас најголемите предизвици од отпочнувањето на Digital Orange, во однос на комуникација со тимовите иделегирање на задачите?
Според досегашното мое искуство, поставувањето ефикасна и ефективна комуникација со и меѓу тимовите е еден од најважните фактори за успех на компанијата, без разлика дали се работи за пишана или вербална, директна или онлајн комуникација која што сè повеќе ја практикуваме поради ремоте начинот на работа. Сметам дека мојата подготвеност за компромис, неизмерното трпение и разбирање на членовите од тимот ме издвојува од останатите менаџери. Според мене, секој треба да се чуствува слободен во мислите и изразувањето, да земе учество при носењето на некои одлуки од кои и самиот треба да биде дел, но истовремено да го задржи професионалниот однос кон сите останати, не само кон мене како работодавач. Искрено не можам да се сетам и истакнам ниту еден проблем при комуникација или делегирање обврски, бидејќи или биле малку на број или биле многу брзо решени и неважни за мене и работниот процес.
На вебстраната од Digital Orange пишува дека нудите ИТ услуги (Web Development) и дигитален маркетинг услуги (SEO), што мислите дека е клучно за добра соработка помеѓу ИТ секторот и Маркетинг секторот во една компанија?
Одговорот на ова прашање некако произлегува од претходното, а тоа е пред сè квалитетна и постојана комуникација помеѓу секторитe. Под квалитетна комуникaција подразбирам и почитување на мислењето на другите кое понекогаш недостасува кога настанува проблем на чие решение секој различно гледа. Во случај на конфликт помеѓу различните сектори олеснителна околност е доколку некој од членовите на маркетинг секторот има некакво основно ИТ познавање или обратно. Во тој случај соработката и комуникацијата е доста полесна и поквалитетна.
Сепак, како клучен момент ќе издвојам дека неопходно е во една ИТ компанија да постои Scrum Master, Project Manager или Team Manager кој ќе ја води целата комуникација, тимовите и проектите во правилна насока и во случај на конфликт ќе помогне сите заеднички да ја согледаат прво причината за настаниот конфликт, па потоа и да пронајде заеднички начин за решавање на истиот. Имањето на ваков квалитетен кадар е од исклучителна важност за самата компанија и гарантира успешно завршен проект и задоволен клиент.
Кои се најбитни карактеристики кои Ви се приоритетни да ги поседува нов кандидат кој би сакал да се вработи во Digital Orange, а сепак не спаѓаат под технички вештини?
Без размислување ќе ја наведам емоционалната интелегенција, исклучително важна човечка вештина. Има голем број истражувања на оваа тема кои покажале дека истата е одговорна за цели 60% од вашиот професионален успех. Со помош на оваа вештина секој ќе може да комуницира подобро, да се прилагодува во различни тимови и средини, ќе може вешто да одбегнува непотребни конфликтни ситуации, но и да биде исклучително добар тимски играч кој ќе може без проблем да пружа и прима сугестии, критики и помош.
Одржувањето на опуштена работна средина е една од најтешките работи кога се работи за различни карактерни особини и едно отскокнување може лесно да доведе до непријатности кои ќе влијаат на работниот ден или ако останат нерешени и на целокупниот работен процес. Секогаш е подобро да работите со колеги со кои ќе ви биде пријатно утринското кафе или пауза за ручек, нели?
Кој Ви се најголеми предизвици кога правите onboarding на нови вработени во Digital Orange и на кој начин ги мотивирате новите вработени?
Како најголем предизвик ќе ja издвојам потешкотијата со едно или две интервјуа да процениме дали и колку кандидатот поседува емоционалната интеленција која ја наведов претходно. Тешко е за неколку часа да ги увидиш во целина социјалните вештини на кандидатот.
Мотивацијата на нов вработен е следниот голем предизвик посебно во ова време кога можностите во ИТ индустријата се неограничени. Мислам дека најмногу ги мотивира слободата самите да одлучат дали да бидат дел од некој проект и доколку не е наложено од клиентот самите да предложат или изберат технологија која ќе ја користиме за изработка на истиот. Многу често се случува јас да завршам некоја задача или да ја префрлам на надворешни соработници од причина што вработениот кој сме го планирале не гледа предизвик да работи на истата, односно повеќе преферира да се фокусира на други тековни активности. Исто така, како голем мотив тука би ги додала и можноста за ремоте работа и солидниот месечен надомест.
ИТ индустријата и дигиталниот маркетинг се сеуште млади индустрии и брзо се развиваат и менуваат. Дали брзите промени Ви наметнуваат да одржувате почести обуки и едукативни тренинзи за Вашите вработени?
Ако ДА, каков тип на обуки одржувате за Вашите вработени? Дали користите одредени специјални методи за обука на Вашите вработени?
Искрено, зачудувачко е темпото со кое се менуваат двете индустрии, но морам да признаам дека тоа ме радува. Добро е сите да научиме да еволуираме, да напредуваме и да го надоградуваме своето знаење, а не да останеме и дејствуваме од својата комфорна зона. Со напредување на технологијата, сосема природно произлегува и потребата од стекнување нови знаења, така што можноста за дополнителната едукација во форма на платени курсеви и сертификати е достапна за сите вработени кои по своја желба и верување избираат што ќе следат. Колку што е добро за компанијата да има вработени кои ги следат и учат новите технологии и методологии, толку е добро самите да се трудат да останат конкуретни на пазарот на трудот кој сè повеќе е динамичен.
И како последно прашање Христина, кој совет би го дале на сите млади потенцијални претприемачи во Македонија, кои имаат цел да основаат свои компании во 2022 година?
Како што брзо се развиваат индустриите така и бизнис климата во Македонија се менува и созрева. За разлика од 2015-та година, сега забележувам голем број јавно достапни корисни обуки за претприемачи како и многу начини за финанскиска поддршка кои што можат паметно да се искористат за еден комфорен старт.
Препораките произлегуваат од тука, бидете мудри и истрајни, зграбете ги сите можности кои ви се нудат. Информирајте се, не се откажувајте и разочарувајте, учете од себе, учете како да бидете подобри со секој пад и како да бидете иновативи со секој раст, не престанувајте со надградба на вашата интелектуалност и успехот ќе ви биде загарантиран.