Запознајте го Филип Петровски од Data Masters, која e македонска консултантска компанија создадена со идеја да им помогне на компаниите умешно да ги искористат податоците за да носат подобри одлуки во своето работење.
Филип, годинава се стекнавте со наградата „Business Еlite Awards under 30″. Истата е воедно и признание за успехот на Data Masters. Како основач на компанијата „Data Masters“, која е специјализирана за Data Science раскажете ја приказната за „Data Masters“, идејата, развојот и денешната перспектива?
Би рекол дека наградата е една потврда за сè што постигнавме заедно како тим во изминатите три години и мотив да не застанеме со она што го правиме. Особено сум горд што успеавме да изградиме тим на неверојатно талентирани и амбициозни луѓе кои секогаш се спремни за константни предизвици надвор од комфорната зона. Горд сум и што Data Masters е место во кое владее посебен ентузијазам и атмосфера, има еден вид на уникатност во пристапот и во функционирањето што за нас дава резултати. Сите сме обединети во нашата мисија да им помогнеме на компаниите да ги користат ефективно податоците што веќе ги поседуваат, а воедно и да го споделиме своето знаење на што се надоврзува Академијата.
Data Masters е консултантска компанија создадена со идеја да им помогне на компаниите умешно да ги искористат податоците за да носат подобри одлуки во своето работење. Ова го започнавме скромно со неколку луѓе и помала канцеларија во Скопје, за потоа нашата приказна да добие една многу поголема димензија. Компанијата сега брои 40-тина луѓе во тимот кои работат на домашни и светски проекти. Постепено растеме и особено ми е драго што преку нашата работа успеавме да создадеме позитивна бизнис промена во македонската бизнис сфера. Тоа се должи на методологијата што ја применуваме, а која успева да креира data – driven начин на носење одлуки во компаниите.
Data Masters е стартап, кој во рамки на пандемија бележи раст. Каква е стартап културата во Македонија и како Data Masters придонесува за истата, кои се предизвиците на стартапите?
Би рекол дека постојат два вида на предизвици. Кога сте стартап и тоа во поле како што е Data Science во земја која допрва треба да почне интензивно да имплементира придобивки од оваа област, предизвикот е како да ја пренесете оваа потреба на вистинскиот начин, а дополнително земете дека на почеток кога сте млада компанија има и одредена резерва кон вас. Ние сме пионери во ова поле во Македонија, но тоа носи и голема задача, а тоа е да го трасираме патот за клиенти и проекти. Вложуваме огромен напор во едуцирањето на компаниите и таа доверба што ја стекнавме во изминативе три години е еден од темелите врз кои поставивме огромни проекти.
Вториот предизвик, барем кога ние почнувавме, бидејќи бизнис климата за стартапите не е иста како што беше во 2018 е достапноста на финансиски инјекции и бизнис едукација. Идејата да креирате стартап во конкретно поле е една страна од паричката, од другата страна се наоѓа како правилно да планирате кадри, буџетско планирање на сектори, маркетинг и продажен пристап. Потребно е државата повеќе да инвестира во овој дел за да им помогне на стартапите да застанат на нозе и да си го трасираат патот, затоа што истите отвораат голем број на нови работни места и ги задржуваат, па дури и враќаат наши кадри кои работат во странски земји.
Јас се надевам дека нашето постоење и раст ги охрабрува идните претприемачи да земат инцијатива и да ја започнат својата приказна. Успехот е возможен, а јас со задоволство би споделил совети со секој што сака да тргне по нашиот пат, затоа што знам колку значи таа поддршка на почетокот.
Покрај големиот број на домашните клиенти од различни домени, имате и клиенти од странски компании. Како котира Македонија на тој пазар меѓу огромната конкуренција, по што се издвојувате?
Data Masters работи на проекти во неколку различни земји во светот и во Македонија. Некаде сме присутни самостојно, а некаде преку партнери. Во поглед на пристапот, ние комбинираме консултантство со практично решение или да појаснам подобро, нашиот пристап е да го разбереме проблемот на клиентот, да осмислиме tailor-made решение, а потоа истото да го имплементираме преку едукација на вработените на клиентот. Тоа што ни помага да се пробиеме е фактот дека не правиме ре-имплементација на нешто готово, туку имаме знаење и искуство да изградиме решенија од нула. Не заминуваме додека не сме сигурни дека клиентот може сам да продолжи понатаму, оставајќи му на знаење дека сме секогаш тука доколку сме повторно потребни во процесот.
Развивате решенија од различна природа и проблематика, но кои индустрии ви се главен таргет?
Ние сме група на професионалци чија работа генерално е насочена кон работа со податоци во три полиња – финансии, малопродажба и ланец на снабдување, како и телекомуникации. Во овие домени се наоѓаат најголемиот дел од нашите проекти, како домашни така и странски. Ова подразбира работа на проекти во овие домени, но воедно и создавање на решенија кои се применливи во компании од посочените домени. Едното го повлекува другото, кога работите во конкретни полиња согледувате и начини како тоа да го обликувате во решение што е целосно или делумно применливо и во друга компании.
Со оглед на тоа што вашиот пристап е насочен и кон едукација на компаниите, како Data Masters придонесува за подигнување на знаењето кај компаниите во делот на податоци?
Ова се надоврзува на еден од главните постулати од нашиот пристап, а тоа е споделувањето на знаење. Не само што сакаме да споделиме знаење, туку на почетокот тоа беше неопходно за компаниите во Македонија да разберат во кој дел сакаме и можеме да им помогнеме за да работат поефикасно и да станат конкурентна сила. Зависно од потребите на компаниите, ние правиме tailor-made обуки кои ја обработуваат проблематиката со која се соочуваат, користејќи ги нивните податоци. Ова го решава најголемиот проблем на компаниите, а тоа се сопствените ресурси кои можат да одржуваат и користат едно аналитичко решение интерно во компанијата. Со самата “конверзија” на интерните вработени во data амбасадори, компаниите го избегнуваат процесот на вработување на скапи кадри од ИТ компании кои дополнително треба да поминат голем број на месеци во прилагодување и учење на бизнис процесите.
Компаниите во Македонија имаат многу податоци, но проблемот е што не се користат доволно и на вистинскиот начин. Загушени се во табели и Ексели кои го отежнуваат носењето на одлуки. Тоа е честа болка и би рекол можеби и најчестиот проблем што го решаваме откако ќе направиме скен на состојбата. Ова е процес што може и треба да се автоматизира и тука ние стапуваме на сцена, зашто неразумно е да се продолжи со работа по стариот терк кој е гломазен и скап. Има скриени трошоци во тоа да се продолжи со работа на стариот начин и тоа генерално секогаш го адресираме кај компаниите кои ни пристапуваат со желба да го модернизираат своето работење во делот на користење на податоци.
Интересно и за пофалба е дека вашето стекнато знаење и искуство го споделувате исто така и преку вашата академија „Data Masters“, раскажете ни нешто повеќе за обуките!
Академијата е суштински дел од нашиот пристап во Македонија. Кога започнавме со работа во 2018 година имаше еден предизвик со кој се соочивме, а се вика недостаток на кадри. Кадри кои ни беа потребни во компанијата, но воедно му беа потребни и на пазарот во Македонија. Ги поставивме темелите на Академијата со цел да го пренесеме нашето искуство од работата на реални проекти, притоа создавајќи нови кадри на пазарот кои ја разбираат проблематиката и ќе можат да го поддржат процесот на промени во македонските компании.
Програмите што се изучуваат се внимателно креирани за да ја отсликаат потребата на бизнисот и на компаниите во светот, а ние преку нив да ги споделиме нашето искуство и знаење. Според искуството што го споделуваат нашите студенти, Академијата на многумина им помогна да сменат кариера и да напредуваат во постоечката, а фактот што над 30% од нашите вработени доаѓаат од Академијата само потврдува дека донесовме вистинска одлука за создавањето на истата.
Дали сте определени кон некоја конкретна алатка или методологија при процесите и реализација на проектите, исто низ какви обуки поминуваат вашите потенцијални и постојано вработени?
Можам да ви кажам дека она што го обединува нашиот пристап кон сите клиенти е методологија по која работиме, а ги обединува менторството, имплементацијата и консалтингот. Прилагодувањето на процесот кон потребите на клиентот е исклучително важен, затоа што многу е ретко да се најде добар Data Science продукт. Сè уште сме во фаза кога најдобро е да се креираат tailor-made решенија. Воедно успехот во нашата работа се должи на тоа што умешно го проаѓаме процесот на првична адаптација со клиентот и дневно комуницираме за да го одржиме ритамот и темпото на работа.
Во поглед на вториот дел од прашањето, нашите вработени ја имаат Академијата на располагање со цел да осознаат новитети, програми, методологии. Таа е основата со која се врши надградба и на нашите кадри, така што би рекол дека има мултинамена.
Како ја гледате иднината на развојот на Data Science во Македонија како во поглед на кадри, така и на бизнис секторот генерално, во насока на што е направено досега, а што може да очекуваме допрва? И за крај, што би издвоиле како порака односно рецепт за реализација на една индивидуа на професионално поле, како и на една компанија?
Data Masters како пионер во ова поле направи многу и иднината од оваа перспектива изгледа навистина добро. Создадовме квалитетни кадри што може индивидуално да продолжат понатаму, едуциравме цели оддели во компании, создаваме решенија кои автоматизираат процеси. Допрва следи масовна имплементација на Data Science во секоја пора од македонската бизнис сфера. Тој процес е започнат, но од подигнувањето на колективната свест зависи дали ќе оди со побрзо темпо. Имаме сè што ни треба – знаење и искуство што мора да се искористи.
Мојата порака за реализација на индивидуално ниво и на ниво на компанија е ист – „наоружајте“ се со луѓе кои ја разбираат, дишат и живеат вашата мисија. Тоа помага при носење на заеднички одлуки и за индивидуален раст. Јас таму и ја гледам најголемата причина зошто Data Masters е таму каде што е – луѓето што се дел од тимот се движечка сила и јас лично сум пресреќен што ги имам околу себе.