Кога бевме деца, нашите родители ни раскажуваа приказни пред спиење. Секој од нас имал своја омилена приказна која задолжително се раскажувала и по неколку пати на ден. Преку приказните за најразлични настани, авантури и фантазиски ликови на симболичен начин учевме како да се соочиме со проблемите во секојдневниот живот.
Симболиката во приказните е појака од фактите и аргументите бидејќи кај нас предизвикува- емоции. Токму таа емоција која приказните ја предизвикуваат ја прави вештината на раскажување на приказни пожелна во модерниот свет.
Зошто раскажуваме приказни?
Во бизнис светот, брендовите се трудат да раскажат што подобра приказна за да ги придобијат потрошувачите. Секој бренд се труди да ја вреже целата приказна во нашата меморија, наместо само да ги наведе вредностите на продуктот кој што го продава. На пример, Кока Кола го креираше митот за Дедо Мраз во своите кампањи, па така препознатливиот пијалок не потсеќа на Божиќната полна трпеза.
Популарниот спортски бренд Најки не мотивира со слоганот just do it– со кој ни кажува дека неговите производи се подршка во нашиот стремеж кон подобри перформанси.
Новите идеи или сложените концепти подобро се разбираат и комуницираат преку раскажување на приказни. Паметите дека на училиште најдобро сме ги разбрале работите кои ни биле објаснети со практични примери од секојдневниот живот? Дури и математичките задачи (на пример: 2+3=?) стануваат полесни доколку сликовито ги објасниме (на пр.: Јана има две круши, Марија има три круши. Колку вкупно круши имаат Јана и Марија?).
Основачот на Епл, Стив Џобс, на голема врата ја внесе вештината на раскажување на приказни во светот на технологијата. Како резултат на тоа, секој обичен човек се запозна и навлезе во светот на модерните технологии за кои претходно немал никакви познавања.
Кој е јунакот во приказните?
Топ менаџерите, маркетерите, ПР професионалците и продажните агенти се вообичаено одлични раскажувачи на приказни. Една позната изрека вели дека “фактите кажуваат додека приказните продаваат”. Од аспект на design thinking како кориснички ориентиран и холистички пристап, приказните ги поврзуваат луѓето на длабоко емоционално ниво.
Корисникот се соживува со приказната, па затоа таа треба да биде соодветно креирана за секој корисник поединечно. Избраниот “јунак” во приказната треба да личи на вашиот просечен корисник, а проблемите со кои тој се соочува треба да бидат слични на нивните реални проблеми. Во секоја приказна победува доброто наспроти лошото, па така вашето решение (производ или услуга) треба да победат на крајот на приказната и да го решат проблемот на “главниот јунак”.
Како да практицираме раскажување на приказни?
Campfire stories е алатка која можете да ја користите во работното опкружување за поттикнување на вештината на раскажување. Изберете неколку зборчиња или фрази (“прв ден на работа”, “соработка”, “ кафе- пауза”, и сл.) од кои секој член на тимот ќе направи приказна. Со оваа алатка се поттикнува креативното раскажување на приказни и се споделуваат искуства и знаења.
Storytelling pitch: наместо да ја презентирате вашата идеја или став пред вашиот тим со табели и бројки, раскажете приказна за вашата идеја. Не само што ќе ја вежбате вашата креативност преку раскажување на приказни, туку и ќе го задржите вниманието на тимот.
Организирајте кратки “енергетски активности” за споделување на различни смешни искуства. Секој член од тимот треба да раскаже кратка приказна за неговото најсмешно искуство од средношколските денови, интересно доживување од некое патување, семејна забава и слично. Позитивната енергија пренесена преку тие приказни ќе биде одличен старт на работната недела.