Treebanks e моќен концепт. Правиш резервација за патување и засадуваш дрвце. Ем патуваш, ем допринесуваш за природата, како и за поздрава и почиста животна околина. Разговаравме со Михаил, кој несебично ја сподели својата приказна, што го мотивирало на еден ваков проект, каква била реализацијата и идните планови.
1.Тимот на Treebanks е интересен спој од луѓе со разновидна позадина, а сепак иста мисија. Кажете ни повеќе како се споивте и како се роди идејата за еколошката приказна Treebanks?
Спојувањето на тимот т.е почнувањето на Treebanks беше сплет на повеќе околности. Глобалното затоплување и абсорпцијата на C02 од атмосферата се актуелни тема последниве години.
Размислувавме како во таа насока да го искористиме производството на садници брзорастечко дрво на татко ми; Ако на ова го додадеме моето учество на Софт лендинг – Берлин каде се запознав со можноста за користење филијален маркетинг за поддршка на социјално-оштествена кауза ќе го добиеме Treebanks. Добро ги знаеме маса муабетите: “Ова вака треба… Ова не може…”. Јас имам Lean startup пристап на тестирање на хипотези, без многу двоумење го направив сајтот ја валидиравме хипотезата и еве Treebanks работи до ден денес.
2. Почетоците сигурно не беа лесни, да се сподели проектот, да се запознаат луѓето со продуктот, како беше примено и како се одвиваше целиот тој процес на развивање на идејата?
Декември 2018, тазе вратен од Берлин, со веб домен и темплејт веќе купени од аеродром, максимално мотивиран, за кратко време ја склопив веб страната за Treebanks, го пишувам блог постот “Lets fight CO2 together, lets plant millions of trees” за најава на Treebanks и очекувам чуда да почнат да се случуваат :).
Почетниот фидбек беше измешан, луѓето почнаа негативно да не споредуваат со “Ден на дрвото”, повеќето не знаеа како работи. Ова беше знак дека нешто грешиме и треба да најдеме начин подобро да ја објасниме идејата.
Првото медиумско присуство го имавме на Офф.нет со рубриката писма на читатели каде што објаснивме што сакаме да тестираме. Во меѓувреме почнавме да го изработуваме шаблонот за вадење на дозволи за садење дрвја, ова беше првото пивотирање на идејата, сфативме дека не можеме да садиме брзорастечки дрвја па променивме во видови природно присутни во Македонија.
Со цел да покажеме како би функционирал Treebanks решивме да направиме тест акција за пошумување, купивме садници, ги направивме контејнерски и го чекавме правиот момент за садење. Во меѓувреме дојдоа првите конверзии, ја валидиравме хипотезата дека има корисници што би сакале да резервираат преку филијалните линкови на Treebanks за придонесат за подобра животна средина.
За жал првата заработка за садење пропадна бидејки имавме заборавено да ја верифицираме веб страната кај нашите филијални партнери (Booking, Kiwi и Agoda). Кратко после првите конверзии јас основавме компанијатa Bank of trees која е позади Treebanks.
Јас лично верувам во “Ефектот на пеперутка”, низа настани да влијаат за развојот и патот до нови настани, од таа причина на секој што сака да започне компанија треба да биде отворен и љубопитен за нови работи. Treebanks беше меѓу десетте национални финалисти на натпреварот Зелени Идеи, за жал не продолживме понатаму на регионалниот натпревар.
Но, од објавата за финалисти Иновативност препознаа потенцијал во нас и до добивме првото интервју, кое беше една од најчитаните статии на Иновативност. По ова добивме покана да го презентираме Treebanks на Македонија2020 Самит пред македонската бизнис заедница, така се роди идејата за партнерства со компании да ги резервираат службените патувања преку Treebanks, се роди B2B вертикалата на Treebanks, а самитот заврши со садење на 100 дрвја на Водно. А Treebanks маичките пак… Тоа во некоја друга прилика.
3. Вашите корисници се речиси сите генерации, но сепак претпоставувам одредена возраст е најзастапена и која? Дали имате редовни ваши корисници? И како најчесто дознаваат за вас?
Најзастапена возраст на Treebanks e од 27-45 години, тоа соодветствува на начинот на фунцкионирање на Treebanks и платежните можности на нашите корисници. Резервирањето на Treebanks e се уште анонимно па немаме точна бројка колку од нашите корисници се враќаат на Treebanks.
Од друга страна имаме повторливи конверзии со Treebanks маичката, заради добриот квалитет нашите корисници си имаат купено во повеќе бои и имаат купено за поклон.. Нашите корисници доаѓаат кај нас најмногу преку социјалните медиуми. Во моментов работиме на нашата имеил newsletter стратегија. Садиме дрво за секој што ќе се зачлени на нашиот newsletter, целта е да стигнеме до 10 000 дрвја.
4. Кој е Вашиот најголем предизвик и мотивација? Имате спомнато дека вашата мисија е да засадите милион дрвца низ Македонија, колку сте далеку или блиску до целта?
Во последно време најголем предизвик е како да останеме имуни на нефункционалноста на легислативата на нашата држава за водење на онлајн базирана компанија споредено со светот, недостигот на интернационални платежни системи, застарена и инертната бирократија, лошата инфраструктура за е-комерција (неквалитетна достава, лоша локална и интернационална пошта, неавтоматизирано сметководство)… Најголема мотивација ни е Treebanks да стане пример за компанија што работи циркуларна економија.
Годинава ја имаме најголемата акција за пошумување до сега, треба да засадиме 10 000 дрвја. Ова ќе биде можност за нас да направиме план за скалирање на офлајн активностите на Treebanks, се надеваме дека ова ќе биде почеток за експоненцијален раст за Treebanks па за некоја година да можеме да се пофалиме дека сме ја исполниле нашата цел, и целото ова што го работиме ќе можеме да го пресликаме надвор од Македонија.
5. Како би ги поттикнале младите да бидат еколошки свесни? И нормално не само младите туку и секој еден човек за да допринесе и да се создаде едно здраво општество?
Еколошките проблеми се сложени, нивните причини и последици не се едноставни, колку повеќе луѓе можат да ги разберат толку побрзо ќе се решат сами од себе. Од таа причина сметам дека квалитетното образование е столб за градење на еколошка свест.
Сметам дека за да ја кренеме еколошката свест потребна е инфраструктура (велосипедска, квалитетен јавен транспорт, реискористлив амбалаж, рециклирање, можност за активен придонес за подобра животна средина, алтернативни начини за греење, бирократија без хартија), во спротивно имаме само декларативни мерки.
Во моментов има критична маса што сака да биде еколошки свесна но едноставно не е изводливо. Македонија е премногу назад во својот еколошки развој, од таа причина сметам дека треба да направиме квантен скок, наместо да имплементираме методи кои во други држави функционирале пред 10-15 години да ги следиме последните трендови или да измислиме методи кои ќе функционираат ексклузивно кај нас.
Како држава во целост сме late adopters, додатно имаме изразен менталитет на стадо (Каде се сите Турци таму и гол Асан). Судејки по ова сметам дека државата (јавните институции и функционери) треба да стане лидер во имплементирање на висока еколошка свест, за кратко време голем дел од луѓето ќе почнат да го следат нејзиниот пример.
Наместо на луѓето да им зборуват на англиски можат да имплементираат едноставни политики за почеток како на пример “Кафе се меша со метална лажичка” итн. За да се заокружи оваа целина тука се иницијативите како Treebanks што ќе дадат позитивна конотација на тоа што би значело здраво оштество и верување во иднината на Македонија.