Kонцептот ко-креација носи повеќе предности за една организација. Како резултат се добива една нова и свежа перспектива кон производите, услугите, пазарот и секако потрошувачите. Навиките се менуваат а со тоа и очекувањата на потрошувачите, токму затоа Охридска Банка коритејќи ја Design Thinking методологијата им даде шанса на своите потрошувачи да го креираат омиленото банкарско искуство.
Прочитајте какво беше нивното искуство.
1. Кој е Мартин? Која е твојата улога во банката?
Пред сè, Ви благодарам на поканата за интервју. Себеси би се дефинирал како креативец од областа на комуникациите.
Во Охридска банка АД Скопје сум дел од Дирекцијата за маркетинг како специјалист за маркетинг и комуникации. Во доменот на мојата работа се развојот на интегрирани маркетинг кампањи, создавање на план за екстерна и интерна комуникација како и негова реализација, дефинирање на стратешки цели за маркетинг и комуникации, организација и реализација на разни корпоративни настани и проекти од областа на општествената одговорност.
Особено внимание посветувам на новите медиуми и дигиталните платформи за огласување и анализа во поширок дијапазон, од креација на содржини, па до создавање на дигитални стратегии кои треба да донесат поголем број на корисници по онлајн пат.
Најголемото задоволство во мојата работа е тоа што работам за финансиска институција која вложува во заедницата со посебен фокус на младите, тука би ја издвоил платформата Клуб на таленти со која се поддржуваат млади таленти од разни области.
2. Охридска банка отсекогаш следела трендови и давала можност за новитети на пазарот. Токму тоа беше причина за организирање на хакатонот за подобрување на мобилното банкарство, дали можеш да ни раскажеш повеќе за искуство за ко-креација со младите?
Иновацијата е темелна вредност во Охридска банка и токму затоа таа се негува во сите работни активности. Во нашата организација секоја година спроведуваме интерен конкурс за иновација каде што вработените земаат учество со своите проекти.
Горди сме на фактот што и во финансиската индустрија промовираме иновативни концепти како на пр. Единствената банкарска летна школа „Биди банкар“ на која учествуваат студенти и се запознаваат со банкарското работење преку практични искуства, а како крајни задачи работат на проекти од разни банкарски теми и преку ова добиваме уникатен поглед врз банкарската индустрија.
Во 2018 за првпат како финансиска организација се одлучивме на концептот ко-креација, односно да поканиме група луѓе на креативен натпревар каде што, тие, со целата своја креативност ќе воочат недостатоци, ќе анализираат точки за премостување помеѓу потребите на крајните корисници и она што го нуди пазарот и финално ќе создадат концепти кои ќе решат пазарни прашања од областа на мобилното банкарство.
Во соработка со Солвео го создадовме „OBSG Buzz“ хакатонот на којшто девет тимови подготвија девет решенија на темата „Мобилно банкарство од иднината“ во еден 54 часовен викенд.
Морам да напоменам дека концептот ко-креација носи повеќе предности за една организација. Тука пред сè ќе истакнам дека организацијата од кокреаторите добива нов и уникатен поглед кон производите, услугите и пазарот, затоа што учесниците не се инволвирани во конкретната индустрија за која бараат решенија, па затоа и можат со целосна слобода да ги размислуваат и идентификуваат потребите. Понатаму, во делот на создавање на финалните решенија, ко-креаторите се слободни и необременети со мисли за регулативата и сите административни бариери, туку се насочени да научат за проблематиката за која бараат решенија, да го дефинираат проблемот и да преминат кон своите тест решенија.
Преточено во крајните решенија на младите, ние добивме уникатен поглед врз мобилното банкарство и што очекуваат младите корисници во наредните дваесет години што создаде одлична основа за размислување, надградба и развој во нашата работа. За нас како компанија најголемото задоволство доаѓа од фактот што создадовме простор да се искаже гласот на младите во однос на услугите кои ги очекуваат од банките во поглед на мобилното банкарство.
3. Импресиите од хакатонот оставија силен впечаток, како влијаше овој нов начин на работа кај вашиот тим во банката?
Првично оваа методологија директно се почувствува меѓу тимот кој беше составен од продукт менаџери, ИТ специјалисти и маркетинг специјалисти. Овој тим беше задолжен за организација и менторство на самиот хакатон, а потоа ги пренесе искуствата и меѓу своите колеги што значеше воведување на нови принципи во секојдевните активности, но и во водењето на проектите.
Лично, од комуникациски аспект, почувствував дека многу повеќе посветувам внимание на првиот чекор од „design thinking“ методологијата, а тоа е развивање на емпатичко разбирање за проблематиката на која работам со тоа што со опсервација и директно истражување на релевантни стејкхолдери добивам детален „инсајт“ што е клучно во еден дизајн процес, пред преминување на кои било други активности при развој на план за работа.
4. По завршување на хакатонот бевте дел и од Design Thinking работилница. Дали сметате дека оваа методологија може да се примени во една корпоративна средина и што би можела да придонесе?
Не само што може да се примени, туку Design Thinking методологијата во иднина ќе стане сè поголема потреба на корпорациите, затоа што корисниците бараат сè повеќе персонализирани решенија од услугите и производите. За да се дојде до таков производ потребен е слободен дизајн процес кој ќе го позиционира човекот како темелна точка при дефинирање на потребите.
5. Дали би сакал Design Thinking начинот на работа да стане дел од твоето секојдневие?
Да. Сметам дека на долг рок Design Thinking начинот на работа интерно ќе ги освежи организациите во поглед на пристапот кон работата и креативноста, а корисниците ќе добијат оптимизирано корисничко искуство и зголемено задоволство.